Што е причината што немаше вистински протести на Први мај? Што е причината што преку целата година на протестите не се собираат ни по педесет души? Што е причината што можат да си прават со работничките права се што ќе посакаат без никого да прашаат и никој нема да мрдне со прст?
МОЌТА. Видовме колку се моќни синдикатите овде. Какви „масовни“ протести организираа. Видовме колку од стечајците, невработените, технолошките вишоци, отпуштените, оние со плати од по 3-4 илјади, оние со по 12-14 часа работно време…видовме колку од нив покажаа интерес да протестираат. Видовме колку има револт во народот. Видовме колку сакаат да се побунат. Видовме колкаво незадоволство има. Видовме колку знаат што е 1 Мај. Видовме колку им е убаво…
ШТО Е ПРОБЛЕМОТ? Мозоците на луѓето се испрани со капиталистичките потрошувачки пропаганди, со религиските квазидоблести на послушност, кроткост и покорност... Заборавете на тоа, фрлете се во канта - да се биде незгоден е задача на оној што сака да биде човек. Да се биде опасен, непредвидлив, непомирлив, да се биде непослушен - тоа е задачата.
А таа не се постигнува со еден првомајски полупротест што трае од 8 до 11 часот, тоа не се постигнува со 3-4 протести во текот на годината за да види членството дека нешто се работи, тоа не се постигнува со патувања по семинари, таквата доблест не се добиваат со прес-конференции...
ДРУГАРИ СИНДИКАЛЦИ. За тоа треба континуирана работа преку цела година. Капиталистите и црквата не спијат - и за празник и за делник, цела година проповедаат консумеризам и послушност, шират класен дефетизам - вие што правите за тоа време? Каде е вашата контрапропаганда? Каде е едукацијата на работниците за нивните права? Јас толку време бев под биро за вработување, толку време работам овде-онде, се движам меѓу луѓе, ама ниту една брошурка не сум добил за тоа кои ми се правата како вработен, невработен, отпуштен...
(2 мај)