Алекс Букарски
Јас сум пират. Користам пиратски софтвер и пиратски цедеа, потоа симнувам мп3 од сервери на Интернет. Еве тоа јавно го признавам. Се надевам дека деновиве нема да ми упаднат во соба специјалци на МВР.
Но, не само што признавам, туку сакам да ги убедам и сите оние што се плашат да станат пирати (модерно како се кажува? да консумираат пиратски дела) и оние веќе на големо ги користат пиратски културни добра да се осеќаат дека ја прават вистинската работа.
Многу важно е што во услови на транзиција кога е низок животниот стандард културните навики (колку-толку) на граѓаните да се задржат (или хмм, допрва воспостават). Потребно е културните добра да им бидат достапни, да уживаат во нив, да бидат во тек со останатиот напреден свет. Тука јасно би сакал да потенцирам дека сум за пиратерија само во однос на културните производи.
Едноставно не може да се брендира културата зашто им припаѓа на сите и има смисла само кога им припаѓа на сите.
Нема пари за оригинали
Реално да признаеме, најголем дел од луѓето во земјава нема пари за оригинали. Некои овдешни продуцентски музички куќи ги намалуваат цените, други ги продаваат со списанија и сл. што во основа е многу добро. Ако на некој и тоа му е скапо, пиратеријата е секогаш тука. Без разлика колку ќе дрдорат легалистите, факт е дека најголем дел од музиката, книгите, филмовите не ќе беа консумирани сите овие години доколку не беа присутни пиратите. За вршење на нивната социјална мисија сите ние треба да им кажеме едно големо „благодарам.“
Дури и мојата книга проза откако ќе ја издадам имам намера да ја ставам во педееф-формат да може секој да ја слегува на Интернет. Некој заебан тип би рекол „Ех тоа дека си сигурен дека нема се продава“. Секако никој не е пророк (последниот го распнавме на крст пред едно 2000 г.) да прогнозира како ќе се продава, но дајте бе луѓе бидете искрени и признајте дали во последните 15 години „капитализам“, се продала некоја македонска книга благодарение на квалитетот? Па, не бе! Се било благодарение на агресивната маркетиншка кампања и партиската ангажираност на самиот автор.
Просветителска улога
Едно од обвиненијата на легалистите е дека пиратите поттикнуваат плагијаторство што воопшто не е точно. „Ако не можеш да заработуваш од уметност (кога има пирати), нема да имаш потреба од плагијати. Уметноста им останува на оние кои имаат потреба од неа, а не оние кои имаат потреба од заработката од уметноста“ - вели еден од најавангардните мак-блогери .аНТИ во серија постови наречени „пиратите се просветители.“
Понатаму .аНТИ тврди дека пиратите спречуваат арт-консумеризам – „кога има пирати, издавачите, продуцентите не можат да прават митови со помош на рекламите. Не им се исплаќа да платат за некоја песна, филм или што да е, да направат хит“. Профитот го лапаат големите корпорациски компании, кои потоа со парите ги диктираат вкусовите, ја кичезираат културата, креираат наметнати вредности кои им одат во полза само на нив.
Сите сме на некој начин во голема мера пирати. Знаете ли дека и фотокопирањето е чисто пиратско дело. Ух, на ова ми текна дури на крајот. Можеби подобро како наслов ќе стоеше „Признај дека си пират!“
Пиратите се просветители!
Да живеат чичковците по пазарчиња што шиткаат пирати!
Пиратерисувам, ич не ми е гајле за Законот!