|
ПО НЕВООБИЧАЕНО ТОПЛАТА ЗИМА
Земјоделците стравуваат од уште едно долго сушно лето
Ни се заканува ли уште едно долго топло сушно лето? Хидрометеоролозите се надеваат на засилени врнежи во април и мај, во Министерството за земјоделство велат дека нема никакви причини за паника, а само земјоделците секојдневно со рацете загрижено ја пробуваат невообичаената минимална мартовска влажност на грутките од нивните ниви. За нив нема дилеми – не очекува уште една долга сушна година.
Во деведесеттите години ваквата клима резултираше со големи суши во летниот период, кои најмногу ги погодија земјоделците.
- Незастапеноста на снежни врнежи оваа зима може да резултира со вистински проблем. Без снег ќе се намали водата за наводнување од акумулациите и од езерата - смета Јосиф Милевски, хидролог во Управата за хидрометеоролошки работи.
Тој вели дека кај нас сушните лета не се ретка појава и потсетува на периодот од 1988 до 2000 година, кога константно се соочувавме со овој проблем и објаснува дека кога нема обилни врнежи на снег во зимскиот период, нема резерви на подземни води што ќе ги потхрануваат површинските води во лето.
Според Милевски, сепак треба да се гледа оптимистички на целата ситуација и да не се избрзува со заклучоци дека ќе имаме сушно лето.
- Имало години кога првите врнежи биле во март и во април. Се уште има време да се надмине ситуацијава - вели Милевски.
Земјоделците се секако најмногу погодени од сушите. Ако наскоро состојбата со врнежите не се смени за 180 степени, тие навистина ќе се соочат со уште едно долго, жешко лето.
Во Министерството за земјоделство немаат конкретен план за надминување на оваа ситуација. Од таму велат дека во случај на суша се изработуваат планови за штедење на водата од страна на водостопанствените организации, додека тие немаат никакви програми што би им посочиле некакво решение на земјоделците.
Од водостопанственото претпријатие „Стрежево“ велат дека за ова лето не прогнозираат никаков проблем со недостиг од вода, но ако продолжи ваквата ситуација со врнежите, недостиг од вода сигурно ќе има. За секој случај, тие апелираат на рационално трошење на водата.
- За ова лето сме подготвени да ги задоволиме потребите на населението, како и на земјоделците и на индустриските објекти. Сепак, ако наредната година се повтори истото, ситуацијата ќе стане алармантна - вели Никола Котевски, директор на јавното претпријатие „Стрежево“.
Тој вели дека ако се соочат со суша, предност за водоснабдување секогаш има „Водовод Битола“ и „Рек Битола“, со која имаат договор за снабдување со технолошка вода. Земјоделците што нема да потпишат договор, ќе бидат исклучени од мрежата, а во сушниот период секогаш имаат предност повеќегодишните насади, а житните култури се жртвуваат.
И.Б.
|