|
УНДП И „РАЗБУДИ СЕ“
Ученици во „Цветан Димов“ носат оружје на училиште
Околу 6,6 отсто од вкупниот број анкетирани ученици во гимназијата „Цветан Димов“ во скопската населба Топанско Поле одговориле дека носат оружје на училиште, во анкетата што ја спровеле УНДП и невладината организација „Разбуди се“. Резултатите од анкетата вчера беа презентирани во ова училиште за да се види колкава е безбедноста во училиштето. Анкетата во која биле опфатени 700 ученици од вкупно 1.650, колку што има во ова училиште, е дел од проектот „Насилство меѓу учениците“. Најголем дел анкетирани одговориле дека еднаш неделно се сведоци на насилство, а десет отсто одговориле дека биле изложени на опасност и насилство во училишниот двор. Според дадените одговори, насилство и тепачки најчесто се случувале поради одбрана на девојка. Од невладината „Разбуди се“ вчера најавија дека ќе изработат прирачник, кој ќе содржи механизми и начини за спречување на насилството помеѓу младите.
А. П.
|