|
СОВРЕМЕНА СТОМАТОЛОГИЈА И КАЈ НАС
Чување матични клетки од млечни заби за 1.100 евра
Дваесетгодишно чувањето и обработка на матични стем-клетки од млечни заби ќе чини 1.100 евра. Деновиве ќе почне проектот за банкирање такви стем-клетки. Откако ќе се одделат од млечниот заб тие се замрзнуваат во течен азот. Можат да се искористат за низа лекувања и терапии. - Со проектот се очекува да се спасат многу животи. Стем-клетките се вадат од млечни заби на деца од пет до 12 години. Екстракцијата може да ја прави секој стоматолог. Банкирањето, како и целата процедура за обработка и чување на клетките, ќе се врши во Грција - вели Јорго Каракизос од фирмата „Биохеленика“. Матичните клетки од млечните заби може да се искористат за никнување нови заби и лекување на периодонтит, всадување и развивање нови заби, лекување кариес. Може да се употребуваат во максилофацијалната хирургија. Исто така може да се користат за регенерација на ткивата како она на срцевиот миокард по инфаркт, на мозокот по мозочен удар и трауми, на коските, за создавање рскавица и лигаменти, за лекување дијабетес, Паркинсонова и Алцхајмерова болест.
Н.Н.Б.
|