|
ПРИЛЕПСКА ПРИКАЗНА ОД ПОД МАРКОВИ КУЛИ
Невработени, живеат в планина без струја и без вода
Немањето работа во град го натера Тодор да го напушти градот и со своето семејство да живее во подножјето на Селечка Планина, на пет километри од Прилеп. Таму Тодор Богески (54), неговата невенчана сопруга Верица Шамбевска (41) и синот Александар (5) живеат без струја и вода. Велат дека е тешко, но маката ги натерала да се навикнат. Додека го гледаат сјајот на светилките во градот, сонуваат за подостоинствен дом.
- Немањето пари за под кирија не натера да избегаме од градот и да дојдеме в планина. Немавме каде да одиме и да живееме. Ѕидар сум, но во последно време нема работа. Луѓето не плаќаат, туку бараат да им сработиш без пари - вели Тодор.
Живеат надвор од градот, в планина. Претходно им се урнала куќата во градот во која живееле без да плаќаат кирија. Газдите им дозволиле материјалот да го искористат и од него го направат куќарето. Тука живеат веќе две години. Без струја и вода. Привремено струја користеле за осветлување и за работа на телевизорот од соседната фабрика, но сега и тоа им е прекинато. Газдата на фабриката рекол дека премногу потрошиле за Божиќ. Живеат на свеќа. А вода носат од кладенец.
- Навечер седиме на светлина од свеќата. Тежок е животот. Душата ме боли кога гледам кога светат светлата во градот, а ние живееме во темница. Стравувам кога ќе почне малиот од наесен да оди на училиште. Вода за јадење и перење носам од кладенецон со количка и шишиња. Леб ни даваат пријателите - вели Верица.
Садат бавчичка на 300 - 400 квадратни метри и вадат пипер, домати. Тодор преградил брана за да се собира вода за наводнување. Чуваат и четири кокошки.
Александар е ведро дете. Сака да оди на училиште. Кога го гледал осветлениот крст на Марковите кули, Александар прашувал зошто свети кај дедо Боже, а кај нив е темница. Чекаат да добијат социјална помош.
Св.Р.
|