|
ЗАВРШИ ОТКУПОТ НА ТУТУНОТ
Тутунарите бараат 40 денари премија
Прилепските тутунопроизводители не се задоволни од просечната откупна цена на тутунот. Од државата очекуваат најмалку 40 денари премија за килограм тутун. Доцни исплатата на преземениот тутун, а тутунските експерти советуваат да садат басмаски сорти тутун, приспособени на европските барања.
Прилепските тутунари велат дека почвата е подобна само за ориенталски типови тутун.
- Кај нас почвата е таква што само ориентален тутун успева на надморска височина од 600 метри. Производителот со басмак нема можност да постигне производство во поголемо количество. Земјата е таква, хидросистем нема - вели Јонус Садикоски, тутунар од Црнилиште.
Откупот на тутунот во прилепско речиси заврши. Повеќе од 6 илјади тутунопроизводители веќе предадоа најголем дел од тутунот на откупувачите.
- Просечната откупна цена од околу 120 денари е незадоволителна и пониска од лани. Доцни и исплатата на тутунот. Очекуваме премија од најмалку 40 денари по килограм. Ќе побараме од Министерството за земјоделство вторпат да му ја одземе лиценцата на „Струмица табак“ и исплатата на тутунот да се води многу посериозно. И Тутунскиот комбинат од Прилеп доцни со исплатата и очекуваме да се најде решение и начин да се доисплати тутунот - вели Перо Стојкоски, претседател на регионалниот сојуз на земјоделците „Клас“.
Викендов на прилепските тутунопроизводители им беа презентирани вештачки ѓубрива од Грција погодни за тутун.
- Најдобар избор може да направи самиот тутунопроизводители и затоа сме сигурни дека зад нас имаме околу 90 отсто грчки тутунопроизводители. Аналогно на грчките тутунопроизводители што се задоволни и тука може да се постигне истиот резултат со овие ѓубрива. Нашата фабрика произведува само хемиски комбинирани комплетни ѓубрива. Секое зрно ѓубриво ги содржи сите елементи - азот, фосфор и калиум - вели Панајот Скарапиперис, генерален директор на „Агроефодија“, со седиште во Атина и претставништво во Струмица.
Св.Р.
|
Слични статии:
Останати статии од оваа рубрика:
|
|