|
ИНТЕРНЕТСКИОТ ГИГАНТ ЈА КУПУВА КОМПАНИЈАТА „АД МОБ“
„Гугл“ навлезе во бизнисот за интернет-огласување
Интернетскиот гигант „Гугл“, кој важи за неприкосновен владетел во неколку различни сегменти на мрежната индустрија, очигледно има намера сериозно да се вклучи и во полето за интернетско огласување по одлуката да ја купи компанијата „Ад моб“. Огласувањето на мобилни телефони денес претставува сегмент од пазарот со екстремно брз пораст. Компанијата „Ад моб“ е специјализирана за дистрибуција на реклами за корисниците што пристапуваат до интернетските содржини преку своите мобилни телефони. „Гугл“, кој во интернетскиот свет е присутен веќе 11 години, ќе ја купи оваа фирма за 750 милиони долари. Тоа јасно ја илустрира стратегијата на интернетскиот гигант кој досега се бореше да привлече корисници на бесплатни алатки за мобилни телефони кои овозможуваат пристап до милијарди веб-страници, книги, мапи и филмови, а потоа да почне да им наплаќа на тие што таму сакаат да пласираат реклами. Моменталното огласување преку мобилни телефони има минорен удел во вкупното интернетско огласување (поточно во тој бизнис се вложуваат 416 милиони долари од вкупно 24 милијарди долари), но со вклучувањето на „Гугл“ во овој дел од пазарот, се очекува работите да се променат на подобро. - И покрај се поинтензивното користење на мобилните телефони и нескромните инвестиции во таа деловна сфера, мобилната мрежа се уште е во ран стадиум. Веруваме дека новите и подобри начини на рекламирање ќе поттикнат поинтензивен развој. Тоа е она што не возбудува во врска со овој договор - истакна Сузан Војчички, потпретседател на Одделот за менаџмент со производи при „Гугл“. Рекламниот бизнис на „Гугл“ годишно му носи просечен профит од 22 милијарди долари, но гигантот во интернетското пребарување досега постојано вложуваше во неговите бесплатни услуги и апликации за да привлече корисници кои се највредни за тие што се рекламираат. Меѓу гигантите во интернетското пребарување, „Гугл“ стана голем играч и преку неговиот пребарувач се вршат две третини од сите пребарувања на интернет. Компанијата, истовремено, се шири и во десетици други индустрии, овозможувајќи им на корисниците да наоѓаат книги, да праќаат електронски пораки, да телефонираат и да гледаат видеосодржини - услуги за кои требаше да се плаќа пред подемот на интернетот.
Огромен потенцијал
Пол Палмиери, претседател и извршен директор на „Миленијал медија“, фирма која важи за сериозен конкурент на „Ад моб“, вели дека договорот со „Гугл“ е „неверојатен“. Според него, влегувањето на „Гугл“ во тој пазар претставува потврда дека мобилниот пазар е посебен пазар, со огромен потенцијал за рекламирање – можеби поголем и од потенцијалот на интернетските медиуми.
|