Мери Јордановска
„Алах го донесе, Алах ни го зеде! Никој не смее да го види мојот брат!“, на цел глас викала пред истражните органи сестрата на 27-годишниот Абедин Алијоски, кој на 25-ти минатиот месец почина во неговиот дом во струшкото село Лабуништа, додека тројца припадници на исламската вахабитска заедница од него истерувале демони.
Никој не знае што точно се случувало во домот на Алијоски, во 23 часот вечерта додека тројцата вахабити од Охрид со помош на читање на делови од Коранот и удирање со стапови по телото наводно се обидувале да ги истераат злите демони од младиот човек.
Членовите на семејството Алијоски не дозволиле да биде направена обдукција, па се уште се неизвесни причините за неговата смрт. Од извори од истрагата дознаваме дека постои можност телото на Абедин да биде откопано, затоа што постојат сомневања дека тој починал како последица на мачење и тепање.
- Семејството одбиваше да биде направена обдукција, а не ни дадоа ниту да го видиме телото на починатиот. Тој беше погребен без потврда за закоп од лекарите. Ако обвинителството смета дека смртта настапила како последица на кривично дело ќе биде направена ексхумација и неговото тело ќе биде откопано - велат од струшкиот Основен суд.
Младиот Алијоски пет години боледувал од невроза, а неговите познаници сведочат дека во последно време почнал неконтролирано да пие лекови. Тој живеел со неговата мајка, двете сестри (од кои едната била глувонема), и неговата братучетка. Татко му починал пред една година. Членовите од неговото семејство биле припадници на радикалната вахабитска исламска заедница, која дејствува надвор од Исламската верска заедница, а нејзиното учење потекнува од Саудиска Арабија. Семејството на Алијоски било убедено дека неговото тело е опседнато од зли демони. Од тие причини, ноќта на 25 јануари неговата сестра викнала тројца вахабити од Охрид – извесен Башким, неговиот брат и уште еден член на заедницата. На чинот на истерувањето на духовите, освен нив тројца присуствувале и зетот на Алијоски и неговите внук и братучед. Се уште останува мистерија што се случувало во тие час и половина додека траел ритуалот. Половина час по полноќ бил повикан матичниот лекар од селото Сафет Каралиески, кој е и единствениот што успеал на кратко да го види мртвото тело на Абедин.
- Абедин го лечев пет години, а најчесто му препишував дијазепам. Тој страдаше од депресија. Се видовме пет дена пред да почине. Момчето беше во ред, имаше желба за живот и за лечење. Кога вечерта дојдов во куќата, не ми беше дозволено да го видам. Сестра му само го откри јорганот со кој беше покриено телото и единствено успеав да ги видам модринките околу неговите очи. Не можев да востановам смрт оти не го ни допрев неговото тело. Значи закопот се случил без да се издаде смртен акт, што е спротивно на законите. Не можам да кажам од што настапила смртта, но не ја врзувам со испиена поголема доза апчиња – вели Каралиески.
Тој во еден часот по полноќ ги повикал истражните органи. Истражниот судија, јавниот обвинител и полицијата наишле на жив ѕид кога дошле пред куќата каде што живеел Алијоски. Во меѓувреме, тројцата вахабити кои ги истерувале демоните од младите избегале. Семејството на Алијоски не дозволувало да биде направена обдукција, ниту пак да се види неговото тело.
Рухи Зиба, основен јавен обвинител од Струга, вели дека ќе почека да види дали МВР ќе поднесе пријава против непознат сторител, ќе ги разгледа исказите на докторот и на семејството, а потоа ќе одлучи дали телото на Алијоски ќе биде откопано, за да се утврдат причините за смртта.
Само вахабитите од Скопје знаат да истеруваат „џинови“
Куќата во Лабуништа каде што живеел младиот Абедин вчера беше затворена. Ролетните од прозорците беа спуштени, а вратата заклучена. Жителите на Лабуништа, од кои најголем дел се Македонци-муслимани, се трогнати и изненадени од смртта на нивниот соселанец.
- Абедин беше добар човек. Работеше како мајстор. Знаевме дека има некои психички проблеми, но никогаш не го покажуваше тоа. Се слушаат различни верзии за неговата смрт. Едната е дека испил голема доза апчиња, а другата е дека вахабитите од Охрид го врзувале и тепале за да ги истераат „џиновите“ од него – велат жителите на Лабуништа.
Тие велат дека и во нивното село има вахабити, кои се порадикални верници од останатите, а се препознатливи по долгите бради.
- Но тие не се осудуваат да истеруваат џинови, туку тоа го прават оџите од Скопје. Им се јавуваш, тие доаѓаат и си ја знаат работата. Затоа семејството на Абедин не требале да викнат вахабити од Охрид оти тие не знаат како да ги истеруваат демоните – раскажуваат жителите.
Во струшкото село Лабуништа има околу 8.000 жители, па повеќе личи на град отколку на село. Вахабитите, како што сведочат жителите на Лабуништа имаат многу порадикални сфаќања од останатите верници.
- Тие имаат сфаќање дека сите жени мора да бидат покриени, а сите мажи мора да носат брада. Знаат да бидат многу сурови ако не се почитуваат овие правила – сведочат жителите на Лабуништа.
Вахабизмот е радикално исламско движење што потекнува од Саудиска Арабија, па и новата џамија во селото е изградена во тој стил. Ова движење функционира надвор од Исламската верска заедница.