|
НАДЛЕЖНИТЕ ИНСТИТУЦИИ КРЕВААТ РАМЕНИЦИ
Мистеријата за смртта на Абедин останува во Лабуништа
Мери Јордановска
Цветин Чилиманов
Трагичната смрт на 27-годишниот Абедин Алијоски, убиен при ритуал на истерување на ѓаволот во минатиот месец, го донесе струшкото село Лабуништа на насловните страници. Уште пред неговата смрт, истражувачката интернет-страница „Балканализис“ (њњњ.балканалѕсис.цом) пишуваше за појавата на вахабити во Лабуништа.
Во самото село, според „Балканализис“, групите вахабити знаеле да ги навредуваат соселаните дека не се „вистински муслимански верници“, затоа што не носат бради или не си ги покриваат жените. Мажите-вахабити негуваат изглед со бради и со кратење на ногавиците на панталоните над глуждовите. Но, вахабитите се малцинство во Лабуништа, каде што жителите биле главно недоверливи кон носењето оџи од Босна и кон новите толкувања на исламот, кои се разликуваат од традиционалниот балкански ислам. Страницата оценува дека неприфатеноста на Македонците-муслимани од Лабуништа во општествените текови придонела некои од нив да го прифатат ова исламско учење.
- Вистинските екстремисти се 15-20 на број и никој не може да ги запре да се молат во џамијата, бидејќи ние не сме насилни луѓе - изјавил локален жител за „Балканализис“.
Се претпоставува дека токму членовите на семејството на младиот Алијоски биле припадници на исламската вахабистичка заедница. Тој страдал од невроза, а неговото семејство сметало дека е опседнат од зли демони. Ноќта на 25 јануари во куќата на Абедин дошле тројца вахабити од Охрид, за да го истераат ѓаволот од младиот човек. За време на ритуалот, кој се состоел од читање делови од Куранот и удирање со стапови по телото, Алијоски починал. Семејството не им дозволило на истражните органи да се доближат до мртвото тело на младиот човек, па тој бил погребен без официјално издаден посмртен акт. Останува мистерија од што починал 27-годишниот Абедин. Од струшкиот суд не ја исклучуваат можноста тој да биде откопан за да се направи обдукција и да се утврдат причините за смртта.
Поглаварот на Исламската верска заедница Сулејман Реџепи вели дека не е запознаен со мистериозната смрт на Абедин. Истото го вели и струшкиот муфтија Ферат Полиси.
- Никој не дошол да ни каже што се случувало во Лабуништа. Немаме изворни податоци, бидејќи ние сме надлежни само за џамиите. Сето ова се случувало надвор од џамиите па затоа не можеме да ја бараме одговорноста - вели Полиси.
И од полицијата не прецизираат какви мерки ќе преземат за да се расветли случајот. Таму само потврдуваат дека тој бил пријавен, но одбиваат да кажат дали ќе поднесат кривична пријава против непознат сторител.
Според „Балканализис“, во ноември минатата година во Италија биле уапсени 29 осомничени исламисти од Лабуништа. Тие подоцна биле пуштени од италијанските власти, кои не нашле причини за нивно задржување. Уапсените биле следени неколку години, поради сомневања дека биле поврзани со исламистички групи од Босна, каде што за време на граѓанската војна дејствуваа разни муџахедински групи. Групата, наводно, била поврзана со радикални арапски оџи од џамии во Италија и во Австрија.
Кои се вахабитите?
Вахабистичкото учење се јавува во Саудиска Арабија во 18 век, со работата на сирискиот учен Мухамед Ибн Абд ал Вахаб. Повикувајќи се на Куранот, Вахаб учел дека верниците треба да се откажат од животните удопства, танцот, музиката, фотографирањето, коцкањето и пушењето тутун. Вахабитите бараат строго потчинување на жената, забрануваат молење на гробови, спомнување пророци или ангели или носење амајлии. Вахабитите почнале да се шират низ Саудиска Арабија напаѓајќи ги другите верски групи, се додека не биле победени од турскиот султан Мехмед Втори во 1818 година.
Групата останала силна во делови на Арапскиот Полуостров и во 1924 година вахабистичкото племе Сауд ги освоило муслиманските свети градови Мека и Медина. Династијата Сауд ја создала денешна Саудиска Арабија, на која и го дала своето име. Со откритието на нафтата во Арабија во 1938 година, Саудијците добиле средства за ширење на своето толкување на исламот низ околните земји, со отворање верски училишта.
Саудиска Арабија денес е кралство во кое династијата владее со помош на контрола врз парите од нафтата, со силни полициски служби и со специјална полиција за спроведување на верските наредби, која проверува дали жените се покриени и дали се одржуваат забави со музика и пиење. Прекршителите се соочени со строги казни, како што е сечење на главата за најтешките злосторства, сечење делови од телото за убиства, силувања, шверц, хомосексуалност или неверство, камшикување за пијанство и дрогирање и слично. Казните често се извршуваат во јавност.
По 11 септември 2001 година, вахабизмот во Саудиска Арабија се обвинува за создавање на терористичката група Ал каеда. Основачот на групата, Осама бин Ладен, е син на богат саудиски бизнисмен со врски во кралското семејство, кој идеологијата на Ал каеда ја засновува врз вахабизмот. Од 19-те напаѓачи на 11 септември, 15 беа Саудијци. Групата се бори за создавање исламска држава - нов трет Калифат. Иако потекнува од Саудиска Арабија, Ал каеда нема пријателски односи со владејачката саудиска династија и се бори за нејзино соборување од власт. По нападите, САД и другите земји се обидуваат да ги пресечат тековите за финансирање на Ал каеда и за ширење на вахабистичката идеологија со саудиски пари.
|