|
ОТКАКО ВЛАДАТА СЕ ЗАКАНИ ДЕКА ЌЕ ГИ РАЗРЕШИ
Менаџерите во паника си ги намалуваат платите
Десетина менаџери и директори на јавни претпријатија во петокот ги испратиле во Владата менаџерските договори со пониски плати за раководните тимови. Со тоа го почитуваа последниот рок за корекција на платите, откако Владата се закани дека ќе ги разреши ако продолжат да земаат плати поголеми и од министерските.
Во оваа група се директорите на ЕЛЕМ, на МЕПСО, на Јавното претпријатие за стопанисување станбен и деловен простор, на Агенцијата за претприемништво и на уште неколку претпријатија и институции.
- Донесовме одлуки да се намалат платите на директорите. Менаџерските договори заедно со предлозите за корекции на плати ги доставивме до Владата, во рокот кој од таму го посочија – велат во овие институции.
Владата лани донесе одлука да се намалат платите на државните директори. Според одлуката, директорите на јавните претпријатија, фондови, агенции, управи и други државни органи не треба да земаат плати повисоки од 35.000 денари месечно. Ако до крајот на годинава покажат добри резултати, менаџерите имаат право да ги зголемат личните примања на најмногу 45.000 денари.
Оваа обврска важи за директорите на државните институции што ги назначува владата. Тие што имаат менаџерски договори, добија само препораки за помал личен доход. Многу од директорите не ги почитуваа препораките.
Во паника се и вработените. Тие стравуваат дека директорите ќе ги намалат и нивните плати, иако одлуката и препораките на Владата се само за менаџерските тимови.
Платите на државните директори беа од 1.000 евра до 2.000 евра месечно. За споредба, премиерот месечно заработува околу 56 илјади денари, вицепремиерите околу 50.000 денари, а пратениците околу 45.000 денари.
С.С.
|