|
СЕМИНАР ЗА УПРАВУВАЊЕ НА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО
Учествуваат експерти од Велика Британија
Британската амбасада и Центарот за археолошки истражувања, со поддршка на Катедрата за археологија и историја на уметност и Министерството за култура ќе одржат серија предавања и работилници, во периодот од 16-ти до 18-ти месецов за управување на културно наследство во Македонија и предизвиците на Конвенцијата од Ла Валета.
Предавањата почнуваат денеска во Британскиот совет во Центарот за конференции и студии.
Првпат во Македонија се организира семинар за управување на културното наследство што ги опфаќа сите фази на археолошко истражување. Тука е вклучено утврдување на тоа што е археолошки локалитет, примена на не-деструктивни методи, истражување со примена на соодветна методологија и во согласност со националната и локална стратегија, па до заштита, конзервација и презентација пред јавноста.
Учесници на семинарот ќе бидат професионални археолози и експерти за културното наследство, од Велика Британија: Доминик Повлесленд, професор по археологија на Универзитетот во Лидс, Питер Вилсон, директор на „Рисрч полиси фор роман археолоџи ет инглиш херитиџ“, Боб Сајдс, менаџер за културно наследство и др.
Тридневната сесија ќе го презентира искуството на професионалните археолози во однос на менаџирањето на културното наследство од Британија. Исто така ќе бидат пренесени и современите прашања од областа на управувањето, грижата (кураторство) и заштита на македонското движно, недвижно и се уште неоткриено археолошко наследство, користејќи ја конвенцијата Валета.
Во рамките на проектот ќе се одржи обука за формирање база на податоци за секој археолошки локалитет. Првата пилот-база на податоци ќе се прави за археолошкиот локалитет Скупи, а наесен се планирани геофизички истражувања и методи на рекогносцирање на археолошкиот локалитет Скупи. Истражувањата ќе ги предводи стручен тим од Велика Британија.
|
Слични статии:
Останати статии од оваа рубрика:
|
|