|
ПОКРАЈ МНОГУБРОЈНИТЕ НАЈАВИ
Бездомниците се уште под Железничка
Елена Мачевска
Запуштен, обраснат со грмушки и со огромни купишта ѓубре расфрлано на сите страни, вака изгледа просторот до мостот до Транспортниот центар, кај новата железничка станица, кој се наоѓа во центарот на Скопје. Градските и општинските власти и покрај многубројните најави дека еднаш засекогаш ќе го урбанизираат овој простор од каде што секојдневно поминуваат илјадници граѓани од земјава, но и од странство, до сега не направија ништо. Многу често на ова место можат да се забележат и дивоизградени привремени живеалишта на граѓаните, чијашто што единствена егзистенција е собирањето пластични шишиња и картонски кутии. Засолниште од дожд, сонце или од ветер под мостот наоѓаат големиот број бездомници, кои таму најчесто престојуваат во овој период од годината. Ваквата очајна состојба во која се наоѓа просторот под новата железничка станица создава незадоволство кај граѓаните што живеат во близина или кои секојдневно поминуваат од тука. - Страв ми е да поминувам од таму преку ден, а не, пак, навечер кога нема никакво осветлување. Многу е морничав овој дел од железничката станица, а дополнителен проблем е ѓубрето што постојано се фрла, а неретко луѓето што престојуваат тука го палат за да се стоплат. Тогаш се шири неподнослива смрдеа - вели Каролина од Аеродром. Од ЈП „Комунална хигиена“ признаваат дека последен пат голема акција за расчистување на тој простор имало минатата година, кога биле исчистени дивите депонии. - Освен ваквата поголема акција, таму редовно, еднаш или двапати месечно се мете и мие улицата, а сега, во зимскиот период, само се мете. Наша надлежност е да го собереме комуналниот смет само од садовите поставени за таа намена, како што се контејнери или канти за отпадоци, додека дивите депонии ги расчистуваме само по барање од страна на Град Скопје - објаснува Катерина Лаова, портпаролката на ЈП „Комунална хигиена“. Лаова вели дека ваквиот проблем со дивите депонии, кој бил карактеристичен и за другите делови под железничката станица, е надминат на просторот што е урбанизиран, односно откако таму е изградена автобуската на ЈСП „Скопје“. Од Град Скопје тврдат дека нивните комунални инспектори периодично, заедно со надлежните инспекции од Општина Аеродром, во рамки на своите надлежности спроведуваат активности за расчистување на дивите депонии под железничката станица, како и на целиот тој потег околу транспортниот центар. - За заштита на дел од просторот, од наша страна е уреден делот од околните површини во привремени паркиралишта, со што се намали можноста за нивно натамошно деградирање во диви депонии - велат од Одделението за односи со јавност на Град Скопје. Во врска со тоа, кога и на кој начин Град Скопје и Општина Аеродром ќе најдат конкретно решение за овој проблем што се провлекува со години наназад, никој не сакаше да прецизира. Од Општина Аеродром, на чијашто територија се наоѓа овој простор, само кратко ни одговорија дека од нивна страна се уште не е донесен ДУП за Транспортниот центар, без притоа да прецизираат кога ќе се најде пред општинските советници. Пред неколку години Град Скопје најави дека токму тој дел ќе биде претворен во „адреналински“ парк каде што на љубителите на екстремните спортови требаше да им бидат обезбедени услови и да бидат поставени соодветни реквизити за да можат да уживаат во своето хоби. Откако ваквата идеја не беше реализирана, беше најавена изградба на паркинг на две нивоа. Прво требаше да се изгради првото ниво, а потоа на столбовите од Железничката станица да се направи уште едно, монтажно ниво на паркиралиште. Сепак, од ваквите идеи до сега ниту една не е реализирана.
|