|
ЗА ДА СЕ СПРЕЧИ ОТПУШТАЊЕ РАБОТНИЦИ
Синдикатот не се откажува од скратеното време
Рада И. Маневска
Сојузот на синдикатите на Македонија не се откажува од барањето за скратена работна недела, а разликата на часовите да се субвенционира од државната каса. Откако, министерот за финансии го отфрли ова барање како дополнително оптоварување на Буџетот и го оцени како задоцнето во услови кога македонската економија закрепнува, ССМ сега ќе бара за тоа да се изјасни и економско-социјалниот совет. - Владата се уште официјално не го отфрлила нашето барање за скратување на работното време, а не се изјаснила ни за другите предложени антикризни мерки на ССМ. Очекуваме до крајот на месецов да се формира економско-социјалниот совет и прво за што ќе расправа да бидат овие мерки - вели Живко Митрески, в.д. претседател на ССМ. Според него, отфрлени се само две од низата мерки кои ги предложи ССМ и затоа очекува за добар дел од нив да се расправа меѓу социјалните партнери, а дали ќе бидат прифатени или отфрлени не може да каже. Од Организацијата на работодавците велат дека ги разгледале синдикалните мерки и очекуваат преку економско-социјалниот совет да се отвори дијалог за одредени прашања. - Во основа има потреба да се помогнат поголем број од индустриските гранки кои се уште имаат проблеми со опстанокот, но за да се реализираат дел од мерките, прво треба да се согледаат реалната состојба и можностите на Владата да ги реализира мерките - вели Димитар Стојановски, претседател на Организацијата на работодавци. Според него, тешко ќе се реализираат мерките кои предвидуваат зафаќање на пари од Буџетот бидејќи, како што веќе најави Владата, сега има други приоритети за парите од Буџетот. Сепак, работодавците сметаат дека преку скратување на работното време може да се обезбеди задржување на работните места, но доколку не се покријат останатите часови од работната недела, тоа ќе повлече намалување на платите на работниците. ССМ како една од мерките за подобрување на состојбата на работниците во услови на криза со која можат да се задржат и поголем број работни места предложи скратување на работната недела од 40 на 32 или 36 работни часа, при што остатокот да го субвенционира државата. Субвенционирање на 30 проценти од платите на работниците лани побара Стопанската комора за зачувување на работните места во текстилната индустрија, која беше зафатена со кризата. Тогаш Владата го отфрли барањето на бизнис-заедницата со образложение дека е спротивно на законитостите кои владеат во Светската трговска зона.
|
Слични статии:
Останати статии од оваа рубрика:
|
|