Анѓелко Лазаревски и Борче Тодоровски кај мажите и Елена Чурковска кај жените се изборија за место во репрезентацијата на Македонија во кајак на мирни води. Тие, исто како и на првата контрола на 6.000 метри, постигнаа најдобри времиња на вториот изборен натпревар на патеката долга 2.000 метри, завчера во Охридско Езеро, покрај Струга. Кај мажите најдобро постигнување имаше Лазаревски со време од 8:56 минути, а втор беше Тодоровски со 9:53 минути. Кај жените најдобра беше Чурковска со време од 9:40 минути.
- Од вкупно девет натпреварувачи што го поминаа првиот филтер, на вториот изборен натпревар само тројца обезбедија пласман во репрезентацијата. Потенцијални кандидати се уште Константин Дејковски и Ламбе Дуратовски, додека најголемо разочарување е сениорот Стојан Магди, кој во конкуренција на кадети не успеа да се избори за националниот тим - вели селекторот Ристе Чурковски.
Тој истакна дека влез во репрезентацијата не успеа да оствари најмладиот кајакар на трката, 14-годишниот Марин Билјановски. Сепак, неговото време е солидно и Марин покажал дека во него се крие голем потенцијал.
С.Д.