
Точно 6.999 активни интернет-домени има во Македонија, покажа истражувањето на домените од второ и трето ниво регистрирани преку Македонската академска и истражувачка мрежа (МАРНЕТ).
Анализата на состојбата со македонските домени што на почетокот на годинава ја извршија УСАИД и невладината организација "Метаморфозис" покажала дека околу 1395 домени или вкупно 20 отсто од активните домени се во сопственост на петте најголеми Интернет провајдери во Македонија.
Така што, само "Мактел", провајдерот на "Македонски телекомуникации" држи во своја сопственост 577 домени, следува "МОЛ" со сопственост врз 527 домени, "Он нет" со 155 домени, "Ултранет" со 122 домени и "Сонет" со 14 домени.
Истражувањето покажало дека постојат дури 5.408 домени од второ ниво заведени под цом.мк, што според нив покажува дека бизнис -секторот има најголем придонес за порастот на он-лајн активностите во Македонија.
Филип Стојановски, координатор на проекти во невладината организација "Метаморфозис" вели дека истражувањето покажало евидентен пораст на регистрирани домени од второ и трето ниво. Тој додава дека е очигледно дека бизнис секторот е двигател на он-лајн активностите во Македонија.
- Истражувањето покажа дека во Македонија секој ден се повеќе расте свеста за полезноста од електронската комуникација и сите предности што ни ги овозможуваат Интернетот и ИКТ-технологијата. Позитивно е што бизнисмените увидоа дека он-лајн активностите можат само да придонесат за подобра комуникација и презентација на македонските фирми пред потенцијалните соработници во земјава и во светот. Сепак, постои огромен простор за инвестирање во овој сектор бидејќи фактите покажуваат дека кај нас се уште не се користи потенцијалот што го нуди современата електронска комуникација - вели Стојановски.
Во анализата на ".мк" домените од второ и трето ниво се наведува дека Македонија прв пат добила пристап до интернет во 1995 година кога Марнет ја воспоставила првата интернет-врска. Подоцна една приватна компанија обезбедила и комерцијален пристап до мрежата преку сателитска врска, а веднаш потоа "Институтот отворено општество Македонија" го поставил и првиот веб-сервер.
" Оттогаш до денес постојано се зголемува бројот на македонските граѓани кои ги проширија своите активности он-лајн. Користењето на Интернетот особено се зголеми во текот на минатите години благодарение на демонополизацијата на пристапот и вовед на методи на алтернативен пристап"- пишува во анализата.
Истражувањето на состојбата со "мк" домените покажува и дека државните институции имаат екслузивно право да не ја почитуваат хиерархијата на адресирање на македонските домени што ја диктира Марнет. Имено, Марнет е единствената институција во Македонија што има авторизација за регистрирање на поддомени од второ и трето ниво под доменот "мк". Правилата на оваа институција предвидуваат хиерархиско адресирање на домените со тоа што на корисниците им се дозволува да регистрираат само поддомени од трето ниво. Примери за тоа се "име на фирма.цом.мк", "име на организација.орг.мк" и други. Меѓутоа, кога се работи за државните институции од непознати причини се регистрираат интернет адреси при што воопшо не се запазува хиерархијата на Марнет. Примери за тоа се веб-сајтовите на Градоначалникот на град Скопје (скопје.мк), на Државната изборна комисија (дик.мк), на Владата, на Собранието и ред други. При тоа се заборава на скратенката "гов" што би укажала дека се работи за интернет-адреса во сопственост на држвата.
Анализата што ја спроведоа УСАИД и Метаморфозис покажува дека во Македонија има многу помалку владини домени и домени на здруженија на граѓани од оние на бизнис секторот. Сепак, истражувачите забележале дека во изминативе години постои очигледен пораст на домените што ги регистрирала Владата. Тие велат дека тоа се очекува затоа што Македонија се подготвува за е-управување и понатаму дури и за е-општество.
В.Н.