.jpg)
Александра К. Мишовска
Норвешки, турски и казахстански компании за нафта и за гас се заинтересирале да дојдат во Македонија и да испитуваат дали има нафта во светиниколска Ерџелија. Владата, а најмногу Глигор Ташковиќ, министерот за странски инвестиции, ја рангираат енергетиката како приоритет број еден за економски развој на земјата. Наоѓалиштата на нафта се првата варијанта, но Ташковиќ веќе разговарал и со големи светски енергетски компании и за друг вид инвестиции во овој сектор.
Најголем интерес покажало раководство на казахстанскиот гигант за нафта „Казмунајгас“, кои биле заинтересирани да ја купат „Окта“ од грчките сопственици.
За проектот нафта во Светиниколско, Ташковиќ разговарал со најголемата компанија за нафта и за гас од норвешкиот град Ставангар, но и со Анише Утсет, секретар за гас во норвешката влада.
- Неприфатливо е образложението на новосадската компанија „Нафта гас“ која ги направила истражувањата, а резултатите ги прогласи за деловна тајна! Можеа да кажат многу други работи, но не и тоа. Затоа, истражувањето мора да се повтори - вели Ташковиќ.
Оваа компанија, која беше најголема од ваков вид во поранешна Југославија, во шеесеттите години направила дупки во месноста околу селото Ерџелија. Набргу по откритието кај Ерџелија, работите на теренот мистериозно биле стопирани и истражувањата никогаш не продолжиле.
Министерот Ташковиќ бил во Казахстан, земја која Владата ја пикираше како нов инвеститор во домашниот енергетски сектор. Иако прво ќе се воспоставуваат дипломатски или конзуларни односи, некои од тамошните фирми, вели тој, веќе се заинтересирани за македонскиот пазар. Дел од нив, но и некои компании од Турција, засега се кандидати да носат нафта во трансбалканскиот нафтовод АМБО.
Можност за работа на наши граѓани отвораат неколку енергетски компании. За тоа најмногу била заинтересирана шкотската фирма „Абердеен“, која може да прими 1.000 работници во нафтениот оддел.
За да ги остварат намерите за нови инвестиции, економските министри најверојатно ќе формираат посебен економски комитет.
Автомобилската индустрија и развојот на информатичката технологија се посебно атрактивен сектор. Ташковиќ до крајот на годинава ќе ги посети Јапонија, Кина и Јужна Кореја од каде се надева дека ќе донесе повеќе автомобилски компании кои, покрај „Џонсон контролс“, би работеле во слободната зона „Бунарџик“. Ќе се бараат фирми и што произведуваат и што тргуваат со возила, а ќе работат со македонска работна сила.
- Не е лесно да се реализираат сите наши замисли, но има некои кои се поизвесни. Нема потреба да седиме тука и да чекаме пари од странство. Не е лесно да се најдат инвеститори, не е невозможно – вели Ташковиќ.
Во земјата од каде што доаѓа, САД, разговарал и со познатата фабрика за сокови „Одвала“, каде биле заинтересирани оттука да купуваат овошје и зеленчук, а таму да го преработуваат.