|
КОНГРЕС НА ВМРО – ДПМНЕ
Груевски најави политика блиска до народот
.jpg)
Министрите, директорите и другите функционери најмалку по еден ден во неделата ќе одат низ градовите и селата за да се запознаат со проблемите на граѓаните. Ова е нова политика на свртување кон народот што ја најави Никола Груевски, премиер и лидер на ВМРО - ДПМНЕ, од говорницата на 13. конгрес на партијата што викендов се одржа во Штип.
- Сите функционери најмалку по еден ден во неделата ќе бидат меѓу граѓаните. Тоа се однесува на министрите за земјоделство, за образование, но и на министерот за надворешни работи, за да не заборават од каде потекнуваат. Се додека го слушаме гласот на народот и ги гледаме неговите маки и проблеми, ќе чувствуваме одговорност и нема да забегаме како нашите претходници – рече Груевски.
Тој најави дека Владата ќе продолжи со борбата против криминалот и корупцијата.
- Шест месеци сме на власт и нема ниту една афера создадена од некој од оваа влада. Се надевам дека така ќе продолжиме. Нема да штедиме никој што ќе се дрзне да заработува на таков начин. Нема да правиме разлика меѓу мали и големи крадци – рече Груевски.
Тој повторно беше реизбран за претседател на ВМРО - ДПМНЕ.
Конгресот се одржа под мотото „Обединети! Кон целта!“. Овој конгрес се најавува како пресвртница, кој ќе ја направи ВМРО - ДПМНЕ модерна европска демохристијанска партија.
Гости беа партнерите од владината коалиција, од опозициската СДСМ, како и претставници на десничарски партии од соседните држави. Меѓу нив бие Божо Бишкупиќ од хрватската ХТЗ, Ева Иргал од словенечката демократска партија, Урлих Клепман од фондацијата „Конрад Адена-уер“. Пред делегатите се обрати и Лојзе Петерле, познат десничарски политичар од Словенија.
С.С.
Проветрување во Извршниот комитет
Димитар Георгиевски, директор на Државниот управен инспекторат и Влатко Чинговски, директор на ЕЛЕМ, најверојатно ќе бидат сменети од Извршниот комитет поради нивните нови функции. Извесно е на нивно место да дојдат пратеникот Трајко Вељановски и Владимир Талевски, градоначалник на Битола. Се најавуваат и нови имиња како освежување на ова највисоко партиско тело. Можен е и нов состав на Централниот комитет.
Чиј е фоторепортерот на МНР?
Фоторепортерот на Министерството за надворешни работи Драган Тодоровски викендов беше зафатен со работа на 13. конгрес на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Во кое својство шефовите на Тодоровски го испратиле во Штип – да ги овековечува активностите на министрите или пак на високите партиски членови?
Генералниот секретар на ВМРО - НП во ВМРО – ДПМНЕ
Јован Андоновски, до неодамна генерален секретар на ВМРО – НП, дојде на Конгресот на ВМРО - ДПМНЕ. По оставката од функцијата генерален секретар, во ВМРО – НП демантираа дека Андоновски си заминал и од партијата.
|