|
КОНЦЕРТ НА “СКОПСКО ЛЕТО“
Квартетот на Даутовски на „Марков манастир“
„Скришно место“ е насловен концертот на „Драган Даутовски квартет“, кој ќе се одржи вечерва од 20.30 часот во дворот на „Марков манастир“, во рамките на манифестацијата „Скопско лето“. Квартетот е оформен во 2000 година, во обид, како што велат неговите членови, да се втурнат во богатата ризница на македонскиот музички фолклор, користејќи ја традицијата како „билет“. Нивната музика е синтеза на традиционалното со модерното, базирана врз автентичниот амбиент што го прават традиционалните инструменти кавал, тамбура, гајда, тапан. „Драган Даутовски квартет“ ја претставувал македонската музичка култура на многубројните фестивалски сцени (Холандија, Русија, Италија, Португалија, Германија, Белгија, Грција, Шпанија, Австралија, Србија, Црна Гора, Хрватска и др.). Водачот на групата, Драган Даутовски, е професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје каде што предава народни инструменти и музички фолклор. - Народниот инструментариум е симбол на постојаната потреба од духовна слобода пренесувајќи ја истата жед од колено на колено, низ вековите што изминале и што допрва треба да минат - вели Даутовски за својата инспирираност од колективното музичко наследство. На програмата на „Скопско лето“ денеска е и музичката кореодрама на оперската пејачка Елена Ангеловска и кореографката Гордана Деан Попхристова, која ќе се одржи во НГМ Чифте-амам од 21 часот.
|