Поради неисполнување на бараните критериуми дефинирани во Правилникот за лиценцирање, Комисијата за лиценцирање при Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) донесе одлука да не му издаде лиценца за настап на меѓународна сцена на тетовскиот прволигаш Ренова. Прволигашот од селото Џепчиште е првиот одбиен клуб во годинашното издавање лиценци на македонските клубови за настап во европските купови (во сезоната 2006/07).
Покрај минатонеделната дозвола за Вардар, Работнички Кометал и за Силекс, вчера лиценца за настап на меѓународна сцена, во Куповите на Европската фудбалска унија (УЕФА) доби и тетовска Шкендија 79, која, според комисијата на Фудбалската федерација на Македонија, ги исполнува бараните услови. Комисијата за лиценцирање нова средба ќе има на 18 април, кога ќе се разгледуваат и оценуваат барањата за лиценца на прилепска Победа, Македонија Ѓорче Петров и на штипска Брегалница Краун.
Македонија во следната сезона ќе има три претставници на меѓународна сцена и тоа по еден во квалификациите за Лигата на шампионите и за Купот на УЕФА, како и во Купот Интертото.
Б.Л.