|
КАКО ПОЛЕСНО ДА НИ ДОЈДАТ И ДА ОДИМЕ ВО СВЕТОТ
Евтини летови до Македонија невозможна мисија?
Македонија, ‘бисерот балкански’, е мала земја сместена во југоисточниот дел на Европа. Богата е со природни убавини, езера, планини и бањи. Главните туристички летувалишта се наоѓаат околу трите езера, Охридско, Преспанско и Дојранско, и ги претставуваат најатрактивните туристички дестинации во земјата...“
Ова се фактите што обично се наведуваат во брошурите што ги издава Министерството за економија (оддел за туризам). Од почетокот на јуни, Македонија се рекламира на светско ниво преку промотивна реклама на глобалната телевизиска мрежа Си-ен-ен. Рекламата се емитуваше 253 пати во период од три месеци и се проценува дека ја виделе 117,5 милиони луѓе. Ова е добар начин за промоција на природното и на културното наследство на Македонија за да се привлечат поголем број туристи. На пример, по една година рекламирање на Си-ен-ен во Црна Гора, бројот на странски туристи беше зголемен за 40 отсто.
Покрај рекламите, клучен фактор дали некој би ја посетил земјата е и постоењето на развиен авионски сообраќај. А, ако постојат одреден број нискобуџетни авиокомпании што оперираат во земјата, тоа значи дека голем број туристи ќе дојдат да ја посетат. На пример, младите Британци често организираат ергенски забави во балтичките земји, особено во Естонија. Колку повеќе авиокомпании летаат до Македонија, толку повеќе туристи може да се очекува дека ќе дојдат. Зголемувањето на бројот на авиокомпаниите што летаат до Скопје би значело и зголемена конкуренција и намалени цени. Работата на нискобуџетните авиокомпании во Македонија би ги зголемила предностите уште повеќе. Колку што се пониски цените, толку е поголема мотивацијата на западните туристи да дојдат во Македонија.
Има ли многу летови до Македонија во моментов? Какви се цените на билетите?
Еве цени за летови од скопскиот и од софискиот аеродром.
Има многу авиокомпании, вклучувајќи и неколку нискобуџетни, што летаат до Бугарија. Во Македонија има само неколку авиокомпании што летаат до мал број дестинации. Не е изненадувачки што Бугарија е една од земјите на Југоисточна Европа што имаат поевтини летови од Македонија. Нискобуџетните авиокомпании се оние што ја прават разликата.
Летањето до Европа може да биде многу евтино ако се користат нискобуџетните авиокомпании. Нискобуџетните авиокомпании што оперираат во соседните земји како „Изиџет“ (еасѕЈет) во Хрватска и во Грција и Визер (Њизз Аир) во Грција, Бугарија и во Хрватска нудат многу евтини летови и летаат до дестинации насекаде низ Европа. Летот од Скопје до Франкфурт е четири пати поскап од летот од Софија до Франкфурт. Летот со редовна авиокомпанија од Скопје до Милано е трипати поскап од летот со нискобуџетна авиокомпанија од Атина до Милано. Не само што македонските граѓани имаат многу мал избор на директни летови, згора на тоа тие се и скапи. Од друга страна, пак, многу малку туристи летаат до Македонија. Во 2005 година, 197.216 туристи ја посетиле земјава, најголемиот дел од нив од соседните земји: Србија и Црна Гора (28.312), Грција (27.809), Бугарија (17.120) и Албанија (12.718). Повеќето од нив патувале со автомобил или со автобус. За да се привлечат другите, Владата треба да размисли и да дозволи и нискобуџетните авиокомпании да летаат до Македонија.
Кои правни услови треба да ги исполнат нискобуџетните авиокомпании за да можат да летаат до Македонија?
Во Македонија авиокомпаниите можат да оперираат само ако се регистрирани во Управата за цивилна воздушна пловидба (УЦВП) како редовни авиопревозници. УЦВП работи во рамките на Министерството за транспорт и е одговорна за издавање, промена и продолжување на лиценците на авиопревозниците. За да стане редовен авиопревозник една авиокомпанија треба да исполни одредени технички услови и да ги плати потребните такси и давачки. Аеродромските такси се главниот фактор за привлекувањето на нискобуџетните авиокомпании. Низ Европа, второстепените и алтернативни аеродроми ги привлекуваат нискобуџетните авиокомпании токму поради ниските аеродромски такси. Во Македонија нема второстепени или регионални аеродроми. Главните аеродроми се контролирани од Владата и сами не можат да направат многу за привлекување на нискобуџетните авиокомпании. Понатаму, управата на аеродромите не може да ја одредува висината на таксите за „хендлинг“-услугите или користењето на аеродромската зграда, затоа што тоа го прави владата. Нашите цени се слични со оние во Бугарија. Меѓутоа, авиокомпаниите што летаат до Бугарија имаат можност да летаат до второстепени аеродроми, каде што таксите се околу 40 отсто пониски од оние на главните аеродроми.
Понатаму, во Бугарија државните аеродроми ќе им се дадат на управување на приватни компании. Германски конзорциум ја доби концесијата за аеродромите во Варна и во Бургас за следните 35 години. Законот во Македонија предвидува концесионарно користење на домашните аеродроми. Иако има 12 авиокомпании што летаат до Македонија како редовни авиопревозници, домашниот авиопревозник „Македонски авиотранспорт“ (МАТ) е клучен фактор на овој пазар. Според договорот склучен помеѓу Владата и МАТ, МАТ е дефиниран како „единствен редовен авиопревозник што лета од Република Македонија“. Тоа значи дека МАТ го има правото да лета до сите земји со кои Владата има потпишано билатерални или мултилатерални договори. Меѓутоа, „Владата се согласува други регистрирани авиокомпании да вршат чартер-сообраќај во согласност со правилата на АИП (Аеронаутичка информациска публикација), со претходна писмена согласност од редовниот авиопревозник МАТ“. Ова значи дека ако другите авиокомпании сакаат да летаат до истите дестинации до кои лета и МАТ, треба да побараат дозвола за тоа. МАТ има право да не издаде таква дозвола. А, и зошто би го направил тоа, зошто да создаде конкуренција и да го намали својот профит? На пример, МАТ го оневозможи „Ер Вардар“ да лета до неколку дестинации во Европа, како Базел и Грац. Со оглед на тоа што МАТ лета до Цирих, „не изненадува што (компанијата) ја искористи својата привилегирана позиција на пазарот“. Што може да се направи за да се подобри оваа ситуација? Проблемите со лојалната конкуренција во авиопревозничкиот бизнис не се само проблеми на Македонија.
За да се создадат единствен европски пазар на воздушен сообраќај и лојална конкуренција за сите авиопревозници, ЕУ воведува нова законска рамка, која ќе ги опфати не само земјите-членки на Унијата туку и другите, вклучувајќи ги тука и земјите од Западниот Балкан. Традиционално, договорите за летање помеѓу две земји биле ограничени на националните авиопревозници на двете земји, но ваквите национални ограничувања не се компатибилни со законите на ЕУ. Со создавањето единствен заеднички пазар во ЕУ, сите авиопревозници во ЕУ ќе имаат еднаков пристап до пазарот. Националните рестрикции во билатералните договори се отстрануваат за да им се дозволи на сите авиопревозници во ЕУ еднаков пристап до пазарите на другите земји.
По усвојувањето на ЕЦАА-договорот, македонското небо ќе стане дел од конкурентниот европски пазар на воздушен сообраќај.
Од 24 до 26 октомври 2006 делегација на ЕУ ќе ја посети УЦВП за да го координира процесот на имплементација на ЕЦАА.
(Текстот е извадок од анализа на Центарот за истражување и креирање политики, њњњ.црпм.орг.мк)
Зошто „Рајанер“ лета евтино
Нискобуџетните авиокомпании летаат насекаде низ Европа. Некои од нив, како „Рајанер“ (Рѕанаир) на пример, се важни фактори на пазарот. По десет години од формирањето, „Рајанер“ има развиено мрежа на летови во Европа и го има зголемено бројот на патниците од 5.000 до 30.946.000. Со летање од второстепените европски аеродроми како „Брисел Шарлроа“ (Брусселс Цхарлерои) и „Франкфурт Хан“ (Франкфурт Хахн), „Рајанер“ има поголем профит од британскиот редовен авиопревозник „Бритиш ерлајнс“ (Бритисх Аирлинес). Постојано расте и се модернизира. Во моментот „Рајанер“ работи на нови комуникациски технологии за да им овозможи на патниците да купуваат билети преку своите мобилни телефони. Не е некоја голема тајна како функционираат и прават профит „Рајанер“ и другите нискобуџетни компании. Тие директно летаат помеѓу блиски дестинации, значи дестинации што не се оддалечени повеќе од 1.500 километри, често користејќи само еден тип авиони. За време на летот не се служат бесплатна храна и пиење, билетите немаат број на седишта (со што се намалува времето за сместување на патниците), а има и помалоброен екипаж. Резервацијата и купувањето билети се исклучиво преку Интернет. Нема официјални претставници на аеродромите, а со тоа се намалуваат административните трошоци. Нискобуџетните авиокомпании летаат од и до второстепени регионални аеродроми, каде што плаќаат многу ниски аеродромски такси. Во Германија, „Рајанер“ лета од „Франкфурт Хан“ и плаќа 4,25 евра по патник, без никакви такси за слетување. Редовните авиокомпании што го користат главниот аеродром на Франкфурт плаќаат 13 евра по патник и 1,75 евро такса за слетување.
Препораки
Малку странски туристи летаат до Македонија. Билетите се скапи, а дестинациите се ограничени. За да се привлечат поголем број туристи што би летале до Македонија, Владата треба да ги олесни условите за нискобуџетните авиокомпании. Бизнисмените, уметниците, македонските студенти во странство, гастарбајтерите и долгогодишните иселеници, исто така, би имале корист од намалувањето на цените на авиобилетите за летови до и од Македонија. За оваа цел, Центарот за истражување и креирање политики ги дава следните препораки:
1 Македонскиот парламент треба да го комплетира процесот на ратификација на договорот „Европско заедничко небо“ (ЕЦАА) колку што е можно побргу, затоа што тоа е првиот чекор што треба да биде преземен за овој договор да стапи во сила.
2 Новата влада треба да ги разгледа условите под кои македонските аеродроми можат да бидат дадени под концесија.
|