|
СДСМ
Од каде му се на Мијалков 300.000 евра во акции
Сашо Мијалков, директор на УБК и близок роднина на премиерот, има 300.000 евра во акции. Дали овие пари ги стекнал откако дојде на функција, дали платил данок за нив и дали ја искористил својата позиција да влијае на случувањата во Македонска берза и да има навремени информации, кои ќе му обезбедат сигурна заработувачка? Ова се прашањата што ги постави Јани Макрадули, потпретседател на СДСМ, на вчерашната прес-конференција. Тој ја повика антикорупциската комисија да каже зошто му дозволила на Мијалков да достави имотен лист дури 9 месеци по именувањето на функцијата. - Колкави биле претходните и сегашните приходи на блискиот роднина на премиерот со кои стекнал имот од милиони евра? Огромни се можностите за злоупотреба на службената положба ако се погледнат настаните на Македонска берза, каде што стана практика вредноста на акциите да варира во зависност од тоа дали МВР влегува во одредени фирми, или во зависност од тоа која фирма ќе добие крупна зделка од државата, за што информации имаат само првите луѓе околу премиерот - рече Макрадули. СДСМ го повика Горан Трајковски, директор на УЈП, да го утврди потеклото на имотот на Мијалков, а од Мијалков бара да одговори дали се точни сомневањата дека опремата за прислушување на МВР се злоупотребува за тргување на берзата.
|