|
. СВИРКА НА „КУЛТУРНО УМЕТНИЧКИ РАБОТНИЦИ“
Дваесет и две песни, туркање и поезија
По неколкугодишно подготвување на новиот албум „Аморе бене тутти прего“, скопската рок-панк дружина „Културно уметнички работници“, конечно, може да здивне. Доказ дека албумот им успеа е позитивната и еуфорична реакција на публиката, пред која во петокот во МКЦ групата концертно го промовираше новиот музички материјал. По претставувањето на „Дефект“, „Лоши деца“, „Ноу нејм нејшн“, „Њу полис стејт“, „Културно уметнички работници“ го зазедоа своето место на сцената, овој пат поставена во холот. Овој избор на организаторот „Рок-фест“, се покажа како подобро решение и понуди поголема комоција за присутните, кои во првите редови не престанаа да се туркаат и забавуваат цело време. Шестчлениот бенд, омилен поради каприциозните, саркастични и отворени текстови, полни со шеги и штосови со кои исмејуваат негативни појави и ликови од нашето секојдневие, но и по некој „шампион“, изведе 22 песни. Дванаесет нови и десет од деби-албумот, објавен во 2002 година. Како ексклузивен гостин на сцена се качи нивниот пријател, поетот Борче Грозданов - Пандур (кого го имаа и опеано во една од песните) и ги изрецитира стиховите од своите поеми „Плакатна“, Недоветните и умните“ и „ Да живеат камелеоните“. Веднаш потоа микрофонот му припадна на Зоки од „Рок агресори“ и следуваше експлозивна заедничка изведба на песната „Сексуален манијак“. Сценското враќање на Зоки, за него значеше голема возбуденост (дури и рацете му се замрзнаа од трема) , но направи бум и беше опсипан со прашања кога „вистински“ ќе се врати, со оглед на направената голема пауза од речиси десетина години. На „работниците“ гостин им беше и Вилијам ван Румпт од Холандија. Тој свиреше слајд гитара на песната „Гладник“. Концертот наскоро ќе се најде на програмата на МТВ. Оваа група постои од март 1999 година. Членови се Мирослав Тодоровски, Трајче Митрески, Марјан Китановски, Божо Вучиниќ, Владимир Стојчевски и Бојан Жунгулов. Вториот албум го издадоа под етикетата на „Рок фест“, во чии рамки се одржа концертот, пред големото финале на оваа рок-манифестација, кое ќе се одржи на 28 март, во МКЦ.
Ва. Ѓ.
|