Најновата верзија на филмот „Кинг Конг“ на новозеландскиот режисер
Питер Џексон од средината на наредната недела ќе се прикажува во киното
„Милениум“.
Овој римејк на класикот од 1933 година, кој македонската
публика ќе го проследи речиси истовремено со светската премиера, се очекува да
стане еден од најомилените филмови на годината.
Иако новата верзија на „Кинг Конг“ трае нецели три часа, успешноста
на специјалните ефекти и изборот на актерската екипа, според најавите, ветуваат
добра филмска авантура. Главната ролја, покрај анимираниот гигантски горила, ја
има актерката Наоми Вотс, која ја игра актерката во водвили загрижена за животната
егзистенција во време на големата економска криза во Америка.
Засега во киното „Милениум“ на репертоарот се уште е
последниот дел од филмот за малиот волшебник „Хари Потер и огнениот пехар“, кој
го заживеа заборавениот кинопростор во Градскиот трговски центар и ја врати
публиката. За две недели прикажување во „Милениум“ овој филм го видоа шест
илјади гледачи, а од среда тој ќе се прикажува во киното во Домот на АРМ.
Н. Б.
Првиот ден разочарувачки
Очекувањата од успехот на новиот „Кинг Конг“, кој е во
групата на седумте најскапи филма на сите времиња, спласнаа уште на првиот ден
од светската премиера на филмот, кој за 24 часа во САД заработи „само“ 18
милиони долари.
Американците се разочарани, но „Кинг Конг“ оствари рекорди во
Југоисточна Азија, а најмногу публика во првиот ден од прикажувањето имаше во
Обединетите Арапски Емирати, во Данска и во Русија.