|
ВО НАЈСИРОМАШНИОТ ДЕЛ ОД НАЈСИРОМАШНИОТ РЕГИОН ВО ИТАЛИЈА
Калабриско село се претвори во Утопија
Малото село Ријаче во Калабрија, на самиот врв на италијанската чизма, се надева дека ќе го сопре децениското пропаѓање со тоа што ќе се отвори за имигрантите од целиот свет. Имигрантите добиваат бесплатно сместување и храна, а за возврат од нив се очекува да работат и да учат италијански јазик. Проектот се покажува како многу успешен за сите, освен за една многу незадоволна група луѓе: мафијата. Доменико Лукано, 51-годишниот градоначалник на Ријаче, селце со три цркви, два светци заштитници, со овци штопасат по околните ридови и со дрвја со мандарини што растат во долината, е „виновен“ за целиот проект. Неговото село до неодамна беше на работ на исчезнување пред тој да ја добие спасоносната идеја. Повеќето селани си заминаа во потрага по среќата во Милано, Торино, Џенова, Германија или САД. Населението толку многу се намалило, што селото повеќе немало ниту кафеана, ниту месарница, а немало ниту доволно деца да го наполнат училиштето. Се почна со еден брод полн со Курди. Пред 12 години, кога Лукано бил само учител во селото, возел по крајбрежниот пат, кога здогледал поголема група луѓе како се доближуваат до брегот. Тоа биле околу 300 Курди, мажи, жени и неколку деца, чијшто брод заринкал покрај брегот, во близина на неговото село. Лукано ги прибрал бегалците, а по нив дошле и други: отпадокот од крвавите воени конфликти низ светот. Тогаш и ја добил идејата да создаде место каде што бегалците и локалното население ќе можат да живеат и да работат едни покрај други. Глобално село во најсиромашниот агол на најсиромашниот регион во Италија, местото на скршените сништа. Тој основал организација на која и дал многу амбициозно име: „Град на иднината“. Оттогаш, Лукано ги сместува бегалците во празните куќи во средновековниот центар на селото, каде што добиваат бесплатно сместување и храна, вклучувајќи ја и електричната енергија. За возврат, од нив се очекува да учат италијански јазик и да работат. Жените изработуваат ракотворби, а мажите ги реновираат старите куќи, кои потоа им се издаваат на туристите. Во моментов во селото живеат 220 имигранти и 1.600 „ријачези“, како што се нарекуваат локалните жители. Градоначалникот се надева дека населението ќе се врати на бројката од поубавите времиња, кога имаше 3.000 жители. Новите жители отвораат продавници, ги испраќаат децата во локалното училиште, а туристите доаѓаат во се поголем број за да ги купат ракотворбите што се изработуваат таму. - Местото што порано сите го напуштаа, сега се претвора во место каде што сите се добре дојдени - гордо вели Лукано. Звучи премногу добро за да биде вистина, но се чини дека концептот функционира. Лукано ги разубеди постарите жители, кои се плашеа од имигрантите, но и младите, кои стравуваа дека ќе им ги земат малкуте работни места. „Градот на иднината“ веќе е најголем работодавец во селото, и за имигрантите и за локалните жители. Има една група луѓе, додуша, на која не и се допаѓа што повеќе не ги влече конците во Ријаче и не може да собра „рекет“: калабриската мафија. Нејзините насилници веќе ги отруја трите кучиња на Лукано, а истрелаа и два куршума во вратата на локалната таверна „Дона Роса“. Но, за Лукано тоа е комплимент, знак дека добро си ја завршил работата. Веќе две соседни села го прифатија неговиот пристап, а регионалната влада на Калабрија донесе закон со кој се овозможува уште повеќе села да го следат примерот на Ријаче. - Населението на Европа се намалува, а Италија има најниска стапка на прираст на континентот. Јас верувам дека го пронајдов начинот како повторно да се врати порастот во Европа. Ако се населуваат бегалци во регионите каде што има најголем пад на прирастот, тогаш нема да треба да стравуваме од пренаселеност, затоа што тие региони се веќе опустошени - резонира Лукано.
И Вим Вендерс во Ријаче
Риајче се почесто е посетуван од разни групи политичари, кои се интересираат за проектот, но и од познати личности Селото неодамна го посети и прочуениот германски режисер Вим Вендерс. Вендерс имал намера да сними филм за бегалците, но на крајот излегол 27-минутен играно-документарен филм, снимен во тридимензионална технологија, кој најмногу зборува за новите жители на Ријаче. Филмот се вика „Летот“. Кратко потоа, Вендерс одржи говор во Берлин, на прославата на 20-годишнината од падот на Берлинскиот ѕид. - Вистинската утопија не во паѓањето на ѕидот, туку во тоа што е постигнато во Калабрија, во Ријаче – рече тој. Градоначалникот Лукано ги отпечатил зборовите на Вендерс на новогодишните картички, кои ги испратил насекаде низ светот. Тој се надева дека чудото од Ријаче, можеби, ќе се случи и на некое друго место.
Кај Лукано по спас
Кога пред некое време африканските собирачи на овошје, кои заработуваат по околу 25 ера дневно, се побунија во соседното село Росарно, локалните жители одговорија со тоа што почнаа да стрелаат во нив и да ги тепаат со метални прачки. Непосредно по инцидентот, тројца млади луѓе од Гвинеја, речиси уште деца, затропале на вратата на Лукано, најмладиот од нив со рана од куршум во колкот. Лукано ги примил и им ги објаснил правилата: ќе добиваат џепарлак од две евра дневно и 500 евра месечна плата за тоа што ќе го работат. Младите Гвинејци занемеле не можејќи да поверуваат во чудото што им се случило.
|