|
ТЕНИС
Грците на колена пред Македонија
Македонската тениска дејвис куп-репрезентација во Атина со 4-1 ја совлада Грција и си го обезбеди опстанокот во Втората, а во јули ќе ја продолжи борбата за пласман во Првата евроафриканска зона.
Поенот за триумф над јужниот сосед го обезбеди нашиот најдобар тенисер Лазар Магдинчев, кој вчера со 3-0 во сетови (6-2, 7-6 и 6-1) го совлада Никос Ровас. Со оваа победа на Магдинчев, Македонија поведе со 3-1, по што Предраг Русевски само го стави шлагот на тортата, победувајќи го Парис Гемохидис со 2-0 во сетови (6-1 и 7-6).
Претходно, во саботата, нашиот дабл во состав Лазар Магдинчев и Предраг Русевски со 3-1 во сетови (3-6, 6-3, 6-4 и 6-2) ја совлада грчката двојка Јакуповиќ/Ровас, што на крајот се покажа пресудно за конечниот победник.
Првиот ден од пресметката помеѓу Грција и Македонија, во петокот, заврши нерешено (1-1), откако Константинос Економидис со 3-2 во сетови го победи Русевски, а Магдинчев со 3-0 го збриша Јакуповиќ.
- Ова е само прв чекор кон пласманот во Првата евроафриканска зона. Пресуден за победата беше триумфот во двојки. Јас и Русевски сме добро уиграна двојка и, иако го загубивме првиот сет, повеќе од заслужено го освоивме тој многу значаен поен. Потоа се беше рутина, па јас со вчерашната победа над Ровас ја понижив, а Русевски со победата над Гемохидис ја докрајчи грчката репрезентацијата - еуфорично ни изјави Магдинчев, додавајќи дека голема заслуга за победата имаат капитенот Горан Шевченко и селекторот Христо Јанков, „без кои репрезентацијата не би можела да функционира“.
Во анализата на мечот огромно значење му се дава на првиот ден (во петокот), кога Русевски, иако загуби од Економидис (првиот рекет на Грците), максимално го измори првиот адут на Грците. Економидис во петтиот сет имал грчеви, а поради повреда не настапи во саботата и вчера.
- Жал ми е што несреќно загубив од Економидис, против кого одиграв одличен меч. Сепак, потоа се одеше како што посакувавме. Пресреќни сме од победата над лутиот ривал, во мечот што го чекавме со нетрпение и во кој влеговме максимално мотивирани. Првпат вака професионално се подготвуваме за еден дејвис куп-натпревар, што еве ни се врати и со резултат. Ова не е максимумот на оваа селекција, која ако во следното коло игра на домашен терен, сигурен сум дека може да стигне и до плејофот за пласман во Првата евроафриканска зона - рече Предраг Русевски, брзајќи да им се придружи на другарите во славјето по големата победа.
Со оваа победа Македонија го обезбеди опстанокот во Втората евроафриканска зона, а во јуни ќе се сретне со Норвешка, која на гости го победи Зимбабве. Поради тоа што досега се немаме сретнато со ниту една од овие две селекции, домаќинот на овој меч ќе биде одреден дополнително, со ждрепка. Победникот во тој дуел потоа ќе добие шанса преку финален меч да се бори за пласман во Првата евроафриканска зона.
- Рано е да говориме кои се нашите шанси за понатаму. Прво да видиме кој ќе ни биде противник, кои ќе му се адутите и каде ќе играме, па потоа ќе даваме изјави на таа тема. Во овој момент најзначајно е тоа што го исполнивме она за што живеевме уште од јануари, а за што играчите беа максимално мотивирани и подготвени - истакна капитенот на нашиот дејвис куп-тим, Шевченко.
|