|
НОВА КОМПАНИЈА НА МАКЕДОНСКОТО НЕБО
За 99 евра до европските градови
Бугарската авиокомпанија „Бугарија ер“ од 1 јануари 2008 година воспоставува редовна авионска линија Софија - Скопје. - Ќе летаме трипати во неделата. Авионската линија ќе ги засили врските меѓу македонските и бугарските бизнисмени, бидејќи во последно време голем број бугарски компании инвестираат во Македонија. Од Софија, македонските граѓани ќе имаат директна линија со европските метрополи. Во иднина ќе воведеме и чартер-лет кон САД - изјави Димитар Павлов, извршен директор на „Бугарија ер“. Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески изјави дека воспоставувањето на директната авиолинија меѓу Софија и Скопје е плод на соработката меѓу двете министерства. - Со оваа линија се збогатува културната и економската соработка меѓу двете земји. Од Софија македонските граѓани ќе имаат можност за 99 евра да патуваат до сите европски метрополи - напомена Јанакиески. Според заменик-министерот за транспорт и врски на Бугарија Даниела Никифорова, редовната линија меѓу двата главни града е почетокот на сите идни планови. - Ова може да се сфати како помош за влезот на Македонија во Европската Унија. Нашите експерти ќе дадат се од себе да и помогнат на Македонија, бидејќи таа е наша братска земја и сакаме да ја видиме во европското семејство - истакна Никифорова. Цената на повратниот билетот ќе изнесува 78 евра без аеродромските такси. „Бугарија ер“ ќе лета трипати неделно од Софија за Скопје.
Г. Г.
|
Слични статии:
Останати статии од оваа рубрика:
|
|