Македонскиот шахист Александар Чоловиќ (ФИДЕ-рејтинг 2.459 бода) го освои 10. место на турнирот Дос Херманас, кој од 30 март до 7 април се одржа во истоимениот град во Шпанија. На 5. интернационален турнир во Дос Херманас учествуваа 172 шахисти.
Членот на Алкалоид во девет одиграни кола освои 6,5 поени, забележувајќи пет победи, три ремија и само еден пораз, што го попречи да се најде меѓу првите пет на турнирот. Со освоени 7,5 поени најуспешен во Дос Херманас беше рускиот претставник Владимир Буракин (2.519), а со ист број бода на второто место се најде Германецот Флоријан Хандке (2.474).
Чоловиќ на овој турнир ги „преслуша“ домашните натпреварувачи Лоренцо Агулера, Анхел Дијаз, Антонио Прадос, Карлос Бареро и Хавиер Вила, го подели поенот со Олег Корнеев (Русија), Горан Диздар (Хрватска) и Агустин Гарсија (Шпанија), а загуби од Бугаринот Иван Чепалов.
С.Д.