|
ЦРКВАТА ВО ФИЛМОТ НА СРЕДНИОТ ВЕК
Проклетство за оние што се мешаат во бизнисот на МПЦ
Со опомена пред проклетство, забрана за крштевање, венчавки и други црковни обреди и целосно исклучување од црквата им се заканиле свештениците при архијерејското намесништво во Крива Паланка на сопствениците на три фирми што се занимавале со продажба на свеќи, темјан и други црковни реквизити во овој дел од Полошко-кумановската епархија на МПЦ. Бизнисмените, кои тврдат дека имаат легални фирми, со неверување ја раскажаа приказната, која потсетува на времињата на инквизицијата. Во писмото што црквата го испрати до сопствениците на трите погребни претпријатија, свештениците им се заканиле со опомена пред давање епитемија (проклетство). „Во последно време приходот на црквите е толку намален што поради тоа не можеме да опстоиме. Директни виновници за ова сте токму вие што продавате црковни ‘ствари‘ како што се свеќи, темјан, икони и друго. За ваквата постапка што ја правите ние молевме и опоменувавме многу пати, за жал вие и понатаму продолживте“, се вели во писмото. Потписници на оваа опомена се протојереите Саврофор Добрислав Бошковски, Стојо Јосимовски, Зоран Витковски, Љубомир Митевски, свештеникот Ацо Трајановски и свештеноѓаконот Александар Смиљков. Тие во писмото уште еднаш побарале да престане продажбата на црковни реквизити и побарале покајание од грешниците за да не дојде до проклетство за сопствениците на погребните претпријатија и нивните најблиски. „Братољубиво ви посакуваме мир и благосостојба во вашите семејства и домови со нашиот христијански поздрав ‘Христос да е помеѓу нас‘“, завршува писмото. Тони Атанасовски, еден од сопствениците на погребното претпријатие „Бојмил“ од Крива Паланка, вели дека свештениците дури му забраниле на еден од сопствениците на погребните претпријатија да направи крштевка во црковните храмови во Крива Паланка, по што тој морал детето да го крштева во Куманово. Тој е зачуден од оваа постапка, особено поради тоа што, како што вели, покажале добра волја и на свештениците им понудиле заеднички да продаваат свеќи. - Тие поскапо ги продаваат свеќите и не им се допаѓа конкуренцијата. Ние имаме легален бизнис за кој и плаќаме данок на државата - вели Атанасовски. „Време“ вчера сакаше да побара став од црквата, меѓутоа владиката Тимотеј уште пред да чуе за што се работи не упати кај митрополитот Кирил, кој бил надлежен за Полошко-кумановската епархија. До затворањето на весников не успеавме да стапиме во контакт со митрополитот Кирил за да го прашаме за оценка на оваа постапка на свештениците од неговата епархија.
В. Н.
|