|
НИКОЈ НЕ СЕ ГРИЖИ ЗА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО ВО ГРАДОТ
Скопскиот аквадукт заробен во римско
Римскиот аквадукт во Визбегово, единствено културно наследство од таков вид во земјава, не се конзервира и се распаѓа. И по пробивањето на булеварот Словенија, со кој се очекуваше полесно да се доаѓа до него, нема табла ниту знак со објаснување. Водоводниот систем од камен и од тули, од некогашните 200 лака, денес брои само 55 лака, а повеќето од нив имаат огромни дупки на местата од каде се краделе камења или пак со текот на времето се одронил градежниот материјал. Објектот со години наназад стои обраснат во трева и бодливи растенија, но најсериозен проблем е барата која се создаде околу еден дел од аквадуктот и предизвика искривување на неколку лакови. Од Националниот конзерваторски центар најавуваат археолошки истражувања на теренот, а истовремено ќе се бараат и средства за да се отстрани водата која понира од земјиштето. - Деновиве ќе почнеме со сондажни истражувања околу аквадуктот, кои ќе бидат сконцентрирани на крајниот дел од објектот каде што имало чешми. Постои и проект за конзервација на објектот, за чија целосна реализација ќе треба да се бараат средства од државата и од донатори. Во план е да се направи и дренажа за истекување на водата - вели Јани Антониев, директор на Националниот конзерваторски центар. Ветување за скорашни активности околу аквадуктот најавуваат и од Управата за заштита на културното наследство. - Планираме идната година да го внесеме аквадуктот во капиталните зафати кои се финансираат од буџетот на Република Македонија - изјави Паско Кузман, директор на Управата. Во апелот кон надлежните што поскоро да се направи пристап до римскиот водовод и да се санираат најзагрозените делови, се вклучуваат и жителите на Визбегово, каде што е лоциран овој стар систем. Тие раскажуваат дека единствената реконструкција на објектот е направена на трите срушени лака кои по земјотресот од 1963 година повторно се обновени. - Обновените делови денес се исчкртани, а токму пред нив се снимаа спотови, реклами, се одржа и концерт на една музичка група и толку. Тоа е се од посетеноста и повремено кога ќе помине некој странец. Инаку аквадуктот како лого го користи јавното претпријатие „Водовод и канализација“, а Општина Бутел го има на својот грб, никој од властите не се нафаќа да го заштити - вели жител на Визбегово. Од Општина Бутел речиси повеќе од година најавуваат изградба на директен пат до објектот, но велат дека главната пречка е чисто административна, бидејќи со генералниот урбанистички план просторот не е предвиден како градежен, туку како зелена површина. - Двата пристапни пата се трасирани и проектирани уште лани, по повикот кој го добивме од Управата за заштита на културното наследство и од Конзерваторскиот центар. Едниот влез треба да биде од кај Качанички Пат, односно регионалниот пат за Косово, а другиот од страната на булеварот Босна и Херцеговина. Но клучот и почетокот на заживување на целиот овој простор се измените во ГУП, се друго е интервентно - вели Снежана Клинчарова, портпаролка на Општината. Кон најавите за изградба на пристап се приклучија и градските власти, кои информираат дека се при крај со подготовките за изработка на нов ГУП. - Подготвени сме да ја почнеме постапката, се собираат барањата за измена на планот од општините, како и од правни и од физички лица. Градот во својата културна презентација веќе го има афирмирано аквадуктот и тој се наоѓа во најновата туристичка публикација, а ќе се најде и на новиот туристички сајт на Скопје. Во буџетот за 2009 година ќе обезбедиме средства за изградба на пристапен пат до аквадуктот, како и за поставување соодветна сигнализација и информативни табли - велат од градското одделение за односи со јавност.
|