|
ПРОДУКЦИЈАТА И ИНТЕРЕСОТ НА ПИСАТЕЛИТЕ КОНСТАНТНО ОПАЃААТ
Никој не пишува за деца
Елена Димитровска
Книгите за деца „Зоки Поки“, „Волшебното самарче“, „Марта“, објавени одамна, а популарни и денес, останаа сеќавање на едно многу поплодно време во литературното творештво за деца. Групата писатели што создава за оваа публика (Оливера Николова, Видое, Подгорец, Ванчо Николески, Славка Манева, Ванчо Полазаревски, Горјан Петревски) одамна не е збогатена со ново име. Литературата за деца во Македонија се понагласено се потиснува на маргините, продукцијата е сведена на неколку изданија годишно, а вината за ваквата состојба, сметаат познавачите, не е само кај традиционалниот виновник - државата, туку и во потенцијалот на авторите и кај домашните познавачи на литературата. Впрочем, децата се најзанемарената публика и во другите области: во половина век кинематографија се уште немаме снимено ниту еден филм за деца, а во земјава постојат само два театра што на репертоарот имаат детски претстави. Меѓу стотиците книги што добија поддршка од државата во Годишната програма, на пример, има само пет книги за деца и за тинејџери: „Книга за се“ од Хус Куијер во издание на „Вермилион“, „Светлосна година“ од Оливера Николова и „Разиграни квечерини“ од Горјан Петревски, двете изданија на „Детска радост“ и уште две изданија на „Феникс“ - „Театар без билет“ од Киро Донев и „Скокот град“ од Ванчо Полазаревски. Штом се одбрани само пет, прашање е колку книги за деца пристигнале на конкурсот? Тоде Илиевски, годинашниот добитник на наградата на ДПМ за најдобра книга за деца и за млади „Ванчо Николески“, смета дека овој сегмент од домашната книжевна продукција се доживува како несериозен или како книжевност од втор ранг. Тоа што би можело да помогне да се подигне свеста за овој исклучително важен сегмент во творештвото е академското истражување на литературата за деца, нејзино мултидисциплинарно изучување и промовирање на научната мисла. Книжевната критика е таа што треба да насочи и да промовира нови автори. - Ако не може да постои специјален институт за проучување на детската литература, може барем да се формира посебен оддел во Институтот за македонски јазик - вели Илиевски, кој ја доби наградата на ДПМ за стихозбирката „Липов чај“, меѓу вкупно седум пристигнати дела. Тој смета дека устанувањето фестивал на детската книга во Македонија, судејќи по светските и по регионалните искуства, би ги мотивирало и авторите и читателите. Националниот фестивал на детски книги во Сливен, Бугарија, Фестивал на детскиот хумор во Лазаревац, фестивалот „Монте либрич“ во Пула, Фестивалот на бајката во Огулин, Хрватска, детскиот фестивал во Нови Сад, се само дел од низата фестивали посветени на детето и на пишаниот збор, кои секоја година се одржуваат во соседните земји. Македонија традиционално се претставуваше со свој штанд на Меѓународниот саем на детската книга во Болоња, Италија, а комесар беше издавачката куќа „Просветно дело“. Но, оваа година Министерството за култура не го вклучи овој саем во својата програма, што значи прекинување на уште една врска со продукцијата на европската книжевност за деца. - Како и секоја година, така и оваа конкуриравме во Министерството и очекувавме дека ќе ни одобрат да се претставиме во Болоња. Но, во програмата стои дека се одделени средства само за саемите во Франкфурт, Москва, Белград и во Истанбул - вели Ели Маказлиева од „Просветно дело“. И издавачите профилирани исклучително за објавување книги за деца велат дека е неопходна стратегиска поддршка во оваа сфера. - Треба да се стимулира и домашната продукција, но и преводи на странски дела што ќе ги следат позитивните трендови во светската литература за деца - вели Марија Тодорова, основач на издавачката куќа „Вермилион“, која е фокусирана исклучително на објавување книги за деца од домашни и од странски автори.
На конкурсите пристигнуваат по неколку книги
Издавачката куќа за детска литература „Вермилион“ од 2007 година распишува конкурс за необјавена детска книга (роман или раскази) од домашен автор, кој ќе ја застапува мисијата на овој издавач - да ги промовира толеранцијата и различностите. Досега, вели Марија Тодорова од „Вермилион“, се пристигнати само две книги, вклучувајќи го и конкурсот за оваа година. Конкурсот ќе се објавува повторно секоја година, со надеж дека македонски автори ќе најдат мотив да создаваат за децата. На конкурсот на Друштвото на писателите на Македонија, исто така имало скромен одѕив: таму годинава биле пријавени седум книги за деца. Тодорова е меѓу малкумината автори што теоретски се осврнуваат на творештвото за деца. Нејзината книга „Другиот во литературата за деца“ ќе биде издадена оваа година со поддршка од Министерството за култура. Книгата се занимава со теоретскиот аспект на пораките за другоста во литературата за деца во Македонија создадена по 2001 година.
|