|
ПРИЛЕП
Нападнат обвинителот што го гони Богдан
Дамчо Кочоски, заменик-јавен обвинител од прилепското обвинителство, кој го гони поранешниот директор на Тутунскиот комбинат Димитар Богдан, завчера, неколку часа по мерката притвор за Богдан бил нападнат од непознат напаѓач со гумена палка, кога се враќал дома. МВР вчера го потврди настанот, но одби да дава претпоставки дали нападот има врска со случајот „Богдан“. - Пријавено ни е дека лицето Д.К. било нападнато од непознато лице на улицата Тале Христов, завчера, во 19.45 часот. Непознатиот замавнал со гумена палка, но Д.К. го спречил ударот со рака. Потоа непознатиот избегал и ние трагаме по него - велат во МВР. Кочоски го пријавил нападот во полиција, но вчера одби да го коментира. Практично нападот се случил веднаш по завршувањето на сослушувањето на Богдан, пред истражниот судија во прилепскиот основен суд, на кое присуствувал и обвинителот Кочоски. Поранешниот директор на Тутунскиот комбинат Димитар Богдан се товари за даночно затајување од околу 7 милиони евра. Тој завчера повторно беше изведен пред истражен судија, но овојпат за продажба на тутун од стоковните резерви. Богдан продал 1.300 тони тутун во вредност од 330 милиони денари. Директорот на стоковните резерви Радован Поповски доби кривична пријава за непријавување кривично дело. Двајцата предизвикале материјална штета од 400 милиони денари. СВР Прилеп поднесе кривична пријава против Богдан поради сомнение дека ги злоупотребил службената положба и овластување.
Св. Р.
|