|
МОК ГИ ИСПРАТИ УЧЕСНИЦИТЕ НА ЗОИ
Македонија со тројца мускетари во Ванкувер
Македонија ќе биде застапена со тројца претставници на 21. Зимски олимписки игри во Ванкувер кои ќе се одржат од 12 до 28 февруари. Антонио Ристевски, Росана Кировска и Дарко Дамјановски се спортистите кои рано утрово заминаа за канадскиот град кои ќе настапуваат под нашето знаме на елитниот спортски собир на другата страна од Атлантикот. Од тројцата мускетари кои ќе се натпреваруваат, само Дамјановски има учество на ЗОИ во Торино 2006 година, додека Кировска и Ристевски се дебитанти на најголемиот спортски самит годинава. - Веруваме дека олимпијците достојно ќе ја претстават Македонија на 21. ЗОИ во Ванкувер и ќе не израдуваат со подобар пласман во однос на ЗОИ во Торино. Ги испраќаме со огромна поддршка и верување дека ќе дадат си“232; од себе за што подобри резултати - изјави претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Васил Тупурковски. Мразот ќе го крши младата 19-годишна Росана Кировска која на 15 февруари во 19 ч. по македонско време ќе настапи на трката на 10 километри во крос-кантри скијање. Бидејќи ова и е прво учество нејзините очекувања се само да го даде максимумот. - Ова ми е прво учество на ЗОИ и затоа очекувањата се поскромни од моите колеги, јас би била задоволна со пласман до 80 место - изјави Кировска. Најискусниот меѓу олимпијците Дарко Дамјановски има поголеми апетити, а тоа го потврди со три победи на четирите трки кои се одржаа во Маврово. Тој исто како и Кировска на олимписките борилишта ќе се појави на 15 февруари (21.30 ч.) на трката на 15 километри во крос-кантри скијање. Најголеми очекувања има скијачот Антонио Ристевски кој ќе се појави на трките во слалом и велеслалом, а очекува пласман меѓу најдобрите 30 што би бил најголем успех досега. Првото појавување ќе го има на 21 февруари во велеслаломската трка, а шест дена подоцна ќе скија и велеслалом. - Нема да бидам скромен и ќе кажам дека очекувам да се најдам меѓу најдобрите 30 во слалом. Слаломот е дисциплина која бара секој скијач да го извлече максимумот од себе многу, но и многу од нив прават грешки и остануваат без пласман. Токму поради тоа, со елиминација на доста фаворити се надевам дека ќе успеам да влезам меѓу најдобрите 30 - рече Ристевски. Покрај тројцата олимпијци, македонската делегација ќе биде застапена со уште тренерите, Иван Лесевски, Ѓоко Диневски и Владимир Пановски, доктор е Зоран Ханџиски, а шеф на мисијата е спортскиот директор на МОК, Владимир Богоевски.
З.С.
|