Загрижени сме поради ограничувањето на слободата на движењето на новинарите во Македонија
за време на состанокот на лидерите на албанските партии со жителите на Кондово на
6 декември, соопшти Организацијата на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕМО), регионална
мрежа на уредници, водечки луѓе во медиумите и истакнати новинари. Во соопштението
од седиштето во Виена се наведува дека СЕЕМО е известена оти лидерите на членките
на владејачката коалиција во Македонија, Демократската унија за интеграција и опозициската
Демократска партија на Албанците одржале состанок со „паравоена група стационирана“
во Кондово. По Али Ахмети, Арбен Џафери и Мендух Тачи во селото дошле и група новинари
од Скопје, наведува СЕЕМО. „Откако влегоа во селото, новинарите јавија дека виделе
околу 200 луѓе во црни униформи. Пред почетокот на разговорите, новинарите беа принудени
да го напуштат Кондово и речено им е дека подоцна ќе добијат изјави од учесниците“,
потсетува СЕЕМО и додава дека откако чекале со часови состанокот да заврши, на новинарите
им пришол Ахмети, кој ги обвинил дека „објавуваат лажни извештаи“. Организацијата
нагласи дека слободата на движењето на новинарите е основен принцип на секое демократско
општество и изрази надеж дека властите ќе дадат објаснување за тој инцидент.