
Легендарниот документарен филм на Александар Маниќ „Шампионите од Шутка“, посветен и инспириран од најголемото ромско гето во Европа - скопската населба Шутка, од денеска се прикажува во киното „Култура“.
Во документарецот на Маниќ дефилира шаренило на крајно инспиративни и речиси нереални ликови од Шутка, сите шампиони во неверојатни вештини: истерувачи на ѓаволи, доктори по духовни болести, тренери на гулаби, првенци во собирање пиратски касети со турска музика, шампиони во секс, гардероба и култура.
- Филмот ја доловува состојбата на среќа, страст и на тотална слобода, препознатлива за функционирање на ова магично место - вели Маниќ за својот филм.
Притоа границите помеѓу стварноста и фикцијата се толку блиски и измешани, што еден американски филмски критичар бил уверен дека „Шампионите од Шутка“ е лажен документарец, во кој добро тренирани актери глумат измислени личности со однапред подготвен текст. Друг холандски критичар напишал: „Ова е како Фелини да воскреснал и анонимно да снимал по улиците на Скопје!“.
Премиерно документарецот во чешко-српска копродукција беше прикажан на престижниот филмски фестивал во Ротердам, по што настапи на десетина други европски и светски фестивали: во Германија, Франција, Јужноафриканската Република, Норвешка, Италија, Словачка, Словенија, Хрватска, Србија. Во Словенија ја доби наградата „амнести интернешнел“, а во Србија наградата на меѓународната филмска критика ФИПРЕСЦИ. Досега е продаден во САД, Канада, Шпанија, Германија, Чешка, Франција, Словенија, Хрватска, Норвешка и во Србија и Црна Гора.
Проекциите во киното „Култура“ почнуваат во 16, 18, 20 и 22 часот. Цената на билетите за првите две проекции е 90 денари, а за вечерните -120 денари.
Од утре филмот ќе се прикажува во Битола, а потоа и во Охрид, Куманово, Штип, Струга, Велес, Гевгелија, Неготино.
Н. Б.